• пет. Мар 31st, 2023

Чистење на депонии, Еко совет и намалување на паркинг услугите

– Целиот сообраќаен хаос е нешто на кое му е потребно сеопфатно решение.  Нешто што прво ќе се реализира во првите 82 дена е градскиот Еко совет, место кое ќе ги обединува сите експерти, академската фела, луѓето кои треба да ги дадат најквалитетните решенија, изјави градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска за „Само интервју“ на Канал 5 телевизија  додавајќи дека постојат многу решенија за сообраќајниот хаос, како и решавање на другите проблеми на скопјани.

Арсовска истакна дека решенијата се тука и не треба да се реализираат без консултација со најповиканите за да не се случуваат проблеми при имплементација.

– Често гледавме како некои прават нешто што не го разбираат. Сега ќе биде поинаку и луѓето кои треба да бидат вклучени ќе бидат од сам почеток. Не откако ќе заврши проектот па потоа да бидат само консултирани.  Идејата дека Скопје треба да биде функционален град не треба да застане. Заложбите се тоа што е добро и квалитетно да се спроведе, а штетното да се прекине. Но и да се реализираат проектите за кои скопјани гласаа на овие избори, рече Арсовска.

Арсовска во однос на мостот во Аеродром вели дека голем е процентот на нерешени имотно правни односи. Средствата на граѓаните се фрлани на проекти кои не се знае кога ќе се завршат заради нерешени имотно правни односи.

Во делот кај Мавровка тоа е кружница на две нивоа на тоа ќе почне од местото каде што порано беше саемот. Ќе се движи до надвозникот на старата скопска чаршија. Тоа е решение кое ќе го релаксира сообраќајниот хаос, истакна Арсовска.

„На скопјани и воопшто на граѓаните на Македонија мора да им се понуди соодветно решение. Алтернативно решение доколку тие би сакале и би требале да го користат јавниот превоз или пак алтернативниот превоз. Да ги користат велосипедите треба да имаат непрекината и непречена вело инфраструктура. Тоа се нивните барања и тоа е нешто кое што и претходно но и ете и сега во оваа програма е ветено. Дека ќе има еден навистина фантастичен проект кој што нема да го загрозува прво животот, ниту безбедноста на скопјани. И дека ќе биде навистина квалитетно нешто како тие би можеле непречено да ги користат велосипедите“, истакна Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Арсовска додаде дека со контејнерите кои што ги постави претходниот градоначалник се соочуваат со проблеми и пешачите и велосипедистите.

„И за тоа има решение, значи тие решенија не треба да бидат ниту на пешачки, ниту на велосипедски патеки“, нагласи Арсовска говорејќи за контејнерите кои што ги постави Шилегов.

Арсовска посочи дека за намалување на цената на паркинг е испратено барање и е отпочната процедурата. За тоа се чека одлука од управниот одбор на јавно претпријатие Градски паркинг со која што ќе прифати да ги намали цените за паркингот.

„Веќе е отпочната процедурата, дадено е до јавното претпријатие Паркинзи и тие треба да донесат соодветна одлука на нивниот управен одбор. А, понатаму тоа доаѓа до Градот Скопје на прифаќање од страна на Советот“, појасни Арсовска.

Арсовска укажа дека ќе има 25% намалување на услугите на градскиот паркинг во Скопје.

– Во текот на кампањата детектирани беа над 120 диви депонии во Скопје. Сега до овој момент имаме исчистено над 30 и тоа целосно, а во истата фаза поставуваме заштита во зависност дали е имотот на државата или приватни сопственици, истото да се заштити за да не фрлаат повеќе. И тоа е еден од чекорите, а потоа и службите ќе започнат со казнување со големи глоби, изјави за „Само интервју“ на Канал 5, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа истакна дека има еден сеопфатен систем, дел депонии се санирани, а дел исчистени целосно. 

– Она кое ќе го отпочнеме се строги казни со илјадници евра. Никој нема да биде поштеден доколку го загрозува здравјето и животот на скопјани, рече Арсовска.

– Исто така ќе се стави во употреба и дрон кој ќе детектира депонии. Службите ќе се екипираат и ќе почнат да работат во смени. Нема да има во ниту еден случај простување, ќе се постапува по повеќе закони во исто време, дополни Арсовска.

Таа појасни дека ретко кога тоа го прават индивидуалци. Напротив, некој зема пари за тој шут да оди на дива депонија наместо во депонија за таа намена.

– Што се случува, имаше огромна депонија која опфаќаше две големи парцели каде активно се фрлаше отпад. Го палеа за да се намали обемот и да може повторно да фрлаат на истото место. Со тоа се загрозува здравјето и животот на скопјани, потенцираше Арсовска.