Оваа година на Детската евровизија, која ќе се одржи во Париз на 19 декември (недела), нашата земја гордо ќе ја претставуваат Анастасија, Кристина, Филип и Миха, четворицата тинејџери кои се дел од актерската екипа на популарното детско ТВ-шоу „Дајте музика“.
Ќе настапат како „Green Forces“ со песна која пренесува моќна и актуелна порака за спас на планетата Земја. Нивното видео има над 1,5 милиони прегледи на официјалниот YouTube канал на JESC (Junior Eurovision Song Contest), а нивната порака веќе силно одекнува во многу земји од Европа и пошироко.
„Green Forces“ ги здружија своите сили под зеленото знаме за да го свртат вниманието кон проблемот кој ќе стане клучен за идните генерации – да ја подигнат јавната свест и да поттикнат иницијатива за заштита на животната средина.
Детската Евровизија ќе се одржи оваа недела, на 19ти декември, со почеток во 16:00 часот. Домаќини оваа година се Франција, а настанот ќе се одржи во прекрасната сала La Seine Musicale во Париз.

Гласањето започнува денеска во 20:00 часот, а завршува на 19 декември во 15:59 часот на веб-страницата www.junioreurovision.tv
Треба да изберете три земји, а воедно можете да гласате и за сопствената држава!
Гласањето ќе биде повторно отворено на 19 декември, 15 минути по завршувањето на последниот настап, на истата веб-страница.
Резултатите се добиваат како комбинација од гласовите на интернационалната публика (50 % од вкупните бодови) и гласовите од националните жирија (50 % од вкупните бодови)!
Ни останува да ги поддржиме и да им помогнеме на нашите „Green Forces“ да станат уште погласни во пренесувањето на пораката. Им посакуваме среќа! Да ГЛАСАМЕ за број 18! GO GREEN FORCES!!!