• чет. Мар 30th, 2023

Виена очекува уште позелена 2022 година

Јан 12, 2022

На крајот на 2021ва година, советникот за клима во Виена, Јирген Чернохорски, направил резиме на годишните зелени иницијативи и на засадените скоро 4,500 дрвја. Понатаму, го насочил вниманието на идните иницијативи на Австрискиот главен град, конкретно на проектот “град-сунѓер” (Sponge City Project), планираните нови 400,000 метри квадратни зелена површина, како и на нови 25,000 дрвја во наредните 3 години.

Еден од најзелените градови во светот

Според постоечките податоци за градот, 53 % од територијата на Виена е покриена со зелени површини, што го прави еден од најзелените градови во светот. Тука се вклучени и помали урбани паркови, но и Виенската шума, позната како и белите дробови на градот.

Lainz Game Preserve
Виенската шума

Количината на зелени површини се пресликува со околу 500,000 дрвја коишто живеат во Виенските паркови во моментот. Дрвјата имаат многубројни придобивки за градот, како заробување на CO2 и други честички, додека во исто време ја разладуваат околината.

Чернохорски објаснил дека градовите се под голема закана од климатските промени. Многу места се поплавуваат лесно бидејќи не може да се задржи водата, а во лето, топлинските бранови може да бидат исклучително опасни. Дрвјата, засадени на прави места, се одлично решение за овие проблеми.

Климатските промени – голем предизвик и за дрвјата

Дрвјата, сепак исто така може да страдаат од ефектите на екстремните промени на времето, со долги сушни периоди, по кои што следат обилни врнежи кои може да предизвикаат огромна штета. Поради ова, локалните власти ја започнаа постепената имплементација на принципот “град-сунѓер”.

“Град-сунѓер” всушност означува град што ќе направи место за природата и наместо запечатување, асфалтирање на земјата, се прави отворање на земјата. Тоа претставува колекција на мали подобрувања, како правење повеќе простор за корените и овозможување на водата да се движи под земјата. Овие подобрувања се зголемуваат со текот на времето и придонесуваат за холистички концепт на урбано зеленило.

Извор