• пет. Мар 31st, 2023

Промовирана новата лабораторија за испитување на квалитет на мазут

Министерот за економија Крешник Бектеши, директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи и в.д. директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска денеска ја промовираа новата лабораторија за испитување на квалитетот во рамки на Бирото за Метрологија.

Како што истакна министерот за економија Бектеши, оваа нова лабораторија е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти. Екипирана е со стручен кадар обучен за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари. Резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет.

„Резултатот од една повеќемесечна посветена работа е оваа лабораторија. Опремена со комплетно автоматизирана мерна опрема, со нови мерни инструменти, на кои ќе се тестираат мостри од мазут, земени од терен. Ова е мерна опрема, со која целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430, за тестирање на квалитетот на маслата за горење.  Несомнено, оваа лабораторија редовно ќе ги следи барањата на европските и меѓународните стандарди и прописи. Редовно ќе учествува во меѓу лабораториските испитувања рамо до рамо со европските лаборатории, затоа што Бирото за метрологија секогаш се ставало во функција на корисниците на услуги, а со тоа и на развојот на економијата, во целост“ кажа министерот Бектеши.

Директорката на Бирото за метрологија Мустафаи истакна дека лабораторијата е опремена со автоматизирана мерна опрема, 7 нови мерни инструменти, со кои ќе се тестира квалитетот на мазутот. Истата е екипирана со стручен кадар, обучен за тестирање на повеќе од 10-сет параметри на мазутот, со кој целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430, за квалитетот на маслата за горење. 

„Тоа се светски признати методи за тестирање, засновани на ASTM, ISO и EN стандардите. А се усвоени од Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија. Со тие ќе може да се одреди содржината на сулфур, кокс, пепел, вода и механички примеси во мазутот. Но и други квалитативни својства на маслата за горење, пуштени во промет на домашниот пазар (дестилација, густина, точка на палење, кинематички вискозитет, точка на течење и топлинска моќ)“ кажа директорката на Бирото за метрологија.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат Симеска Димоска истакна дека со оваа набавка на новата лабораторија за анализа на квалитетот на мазутот ќе се овозможат еднакви услови за работа на сите економски оператори. А ќе се регулира и незаконското работење, пред се во делот на контрола на безбедност на производите и контрола на квалитетот на производите кои што се пуштаат на пазарот.

„Постојано вршиме контрола на мазутот при увоз во државата заедно со Царинската управа. Исто така во периодот кога имаме земено мостри, во два случаја имаме пронајдено дека не соодветствува со квалитетот и преземени се соодветни мерки, меѓутоа во последниот период сите анализи што ги земаме покажуваат дека мазутот е со соодветен квалитет. Во наредниот период со новата лабораторија ќе можеме резултатите од земените мостри да ги добиеме во најкус можен рок“ кажа Симеска Димоска.

Извор