За состојбата со животната средина и климатските промени и за предизвиците со кои ќе се соочиме во процесот на ЕУ интеграцијата во поглед на усогласувањето на европското законодавство за животна средина со националното, но и неговата имплементација, зборуваше Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени во емисијата Утринска на Телма.
Поглавје 27 е прилично обемно и едно од најкомплексните поглавја во преговарачкиот процес, пред се затоа што бара добри капацитети за координација затоа што надлежностите се поделени во повеќе органи на национално и локално ниво, и опфаќа различни чинители, но и бара големи инвестиции и инфраструктурни проекти, големи финансиски средства, силни институции кои ќе работат на имплементација на барањата на ЕУ за животна средина и климатски промени. Тоа е најскапо поглавје за имплементација, пресметките покажуваат дека потребни се 1000 еур по глава на жител само за секторот води плус уште толку за отпад и другите сектори. Потребни се околу 4 милијарди евра за Македонија да може да го имплементира законодавството за животна средина. Освен тоа што има обемно законодавство, ова Поглавје бара промена во однесувањето на луѓето, промена во начинот на водење бизнис, поголема ефикасност и зголемување на јавните услуги (затоплување, јавен транспорт, управување со отпад и води) и секако добра меѓународна соработка. Тука неминовна е и нашата улога затоа што многу е важно ние граѓанските организации да го набљудуваме процесот на преговарање и заедно со надлежните институции да ги дефинираме приоритетите за Македонија во животна средина се со цел успешна интеграција во ЕУ. Независно од тоа дали и кога ќе влеземе во ЕУ сепак состојбата со животната средина мораме да ја подобриме затоа што подобра животна средина значи и подобар квалитет на живот. Следењето на работата на институциите и поддршката во поставување на приоритети индиректно ќе допринесе да се подобрат состојбите со животната средина. Од огромно значење е тоа што Платформа 27 (П27) брои повеќе од 20 организации кои активно работат во животна средина а 4 од нив беа активно вклучени во подготовката на извештајот во сенка кој е главен производ на П27 и кој планираме да го издаваме секоја година.
Генералните забелешки од извештајот во сенка се дека имаме одлична законска основа, односно дека усогласувањето на законодавството е на средно ниво (освен законодавството за климатски промени), кое дава доволна основа за спроведување на законодавството. Спроведувањето на законодавството е на почетно ниво, со исклучок на хоризонталното под-поглавје. Административните капацитети се недоволни, особено на локално ниво, како за спроведување, така и за инспекциски надзор. ГО со извештајот настојуваат да бидат партнер, но и коректор на МЖСПП и СЕП, но и на другите органи, во спроведување и споделување на предизвиците кои престојат со ЕУ преговорите за Поглавјето 27.
За подетални информации во врска со некои од секторите, но и за работата на Центарот за климатски промени погледнете ја целата емисија.