• сре. Мар 29th, 2023

Започнува формирањето зелени коридори низ Скопје; Нов парк во Општина Бутел

Во Бутел започна акцијата за хортикултурно уредување со формирање на зелен коридор на улица Бутелска. На површина од 1496 квадратни метри започнува обновувањето и засадувањето нова тревна површина и одржување на вегетацијата.

-Во Скопје секоја година ќе се засадуваат по 100 илјади нови садници. Започнавме со спроведување на овој проект, а денеска отпочнуваме со работа во Бутел, каде што со засадувањето нови садници позитивно ќе влијаеме врз животната средина, но и ќе ја превенираме можноста за непрописно паркирање- изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Реализацијата на зелениот коридор во Бутел ќе се одвива со фрезирање на постојната подлога, нанесување нова квалитетна почва, поставување систем за полевање и садење ново зеленило.

-Овие проекти се важни за граѓаните. Зеленилото значително ќе го намали загадувањето, а во исто време ќе го разубави просторот. Со овој проект предвидено е и изведба на мини плоштад за одмор, додека во средишниот појас на зеленилото ќе се засадат зимзелени и листопадни дрвја – рече градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.

На новата уредена зелена површина ќе се засадат листопадни и зимзелени садници и украсни грмушки.

Нов парк во општина Бутел

Оваа акција е всушност почеток на изградба на нов парк во општината заедно со Град Скопје. Паркот ќе се протега на 3000 m2 во населеното место Расадник.

Првата фаза опфаќа 1496 m2 по што веднаш ќе започне и втората фаза која ќе опфаќа 1500 m2 со што вкупната површина ќе изнесува околу 3000 m2.

Она што до пред некое време беше депонија наскоро ќе се претвори во модерен урбан парк и ново прекрасно катче за граѓаните на Општина Бутел!

Паркот ќе содржи нови патеки за пешачење, посебен систем за наводнување, зимзелени и листопадни дрвца, нови летниковци како и содржина за намјладите.

Извор