Ако кажете Барселона, веднаш ќе си замислите широки и бескрајно долги плажи, модернистичка архитектура зачинета со обележјата на Гауди и превкусна кујна. Скоро идеална слика, ако ги изземеме густиот сообраќаен метеж, големата бучава и загадувањето. Поголемиот дел од внатрешните делови на градот редовно имаат вредности на азот диоксид на метар квадратен над дозволените (според Светската Здравствена Организација), а PM честичките исто така се над дозволената граница.
Според податоци од 2020та година, во Барселона имало околу 6000 приватни автомобили на еден километар квадратен. Најголем број на возила во споредба со градовите од Европската Унија. Додека автомобилите значајно се зголемуваат, јавните места за пешаците полека исчезнуваат. Како Барселона се справува со овој проблем?

Вклучување на Супер-блоковите во Барселона
Во 2000та година, новото градско раководство на чело со градоначалничката Ада Колау, лансирало 10-годишен план за изградба на зелени зони во многу загадените делови на градот. Овие мирни оази не ги забрануваат возилата, но ја обесхрабруваат нивната употреба. Исто така, тие даваат приоритет на пешаците и велосипедистите.
Оваа шема, започната во 2016та година, сега радикално проширена, била крстена Superilla или Супер-блок.
Осврнувајќи се на заканите за животната средина во 21 век, планот бил неколку градски блокови да се спојат во еден, таканеречен Супер-блок. Во тие супер-блокови, сообраќајот за автомобили е ограничен, најчесто со евтини интервенции како: засадување на дрвја, пикник маси и клупи ставени на местата за паркирање. Зелените зони доаѓаат опремени и со детски игралишта и фонтани. Има и велосипедски патеки кои имаат скратен пат за поминување низ блоковите.

Иновативен градски модел
И покрај отпорот од страна на лобистите за употреба на возила, планот за Супер-блокови добил огромна јавна поддршка. По успешно направените зелени зони во одредени делови од градот, локалните власти најавуваат зелена зона и во најзагадениот дел од градот, Ешампле.
Започнувајќи со четири улици, ќе се имплементира нов модел на улица. Концептот опфаќа освојување на јавните простори, стимулирање на одржлива мобилност и локална трговија, додека спонтано се намалува бучавата од возилата и загадувањето.
Ова се новите правила на овој модел на улица:
- Пешаците ќе имаат најголем приоритет. Брзината на сите моторни возила ќе се ограничи на брзина од 10 km на час, давајќи им статус на гости. Возилата за итни ситиации ќе имаат непречен пристап.
- Улиците ќе немаат рабници. Асфалтот ќе биде заменет со бекатон плочки и гранитни блокови.
- Улиците ќе бидат целосно пристапни и опремени со елементи за водење, патека за лица со оштетен вид, семафори и сигнализација.
- Ќе бидат поставени и повеќе клупи, фонтани, места за играње и маси.
- Постоечкиот 1 % на зеленило ќе биде зголемен на најмалку 10 % при што засадувањето на дрвја ќе биде приоритет. Видовите на дрвја со широки крошни како Европски коприви или Лимети, ќе бидат засадени во централниот дел на улиците за да овозможат поголема сенка. Земјата ќе биде попропустлива за водата, а ќе биде инсталиран и систем за реупотреба на дождовна вода.
- Осветлувањето ќе се реновира, повеќе за потребите на луѓето, отколку на возилата.
Овие четири улици и скверови се само првата фаза на големата преобразба на Ешампле. Целиот проект опфаќа 21 зелена улица и 21 зелен сквер до крајот на 2030.

Најновиот извозен производ на Барселона
Шемата на супер-блокови е најновиот извозен производ на Барселона. Веќе има неколку градови коишто го прифаќаат овој концепт. Градоначалникот на Будимпешта најави дека ќе се организираат настани со цел да се даваат идеи за изградба на зелени зони и во главниот град на Унгарија.