• пет. Јун 2nd, 2023

Презентирани двата предлог ДУП-а за просторот околу Кале

Во Музејот на современа уметност завршија јавните презентации на двата предлог детални урбанистички плана за населбата Кале.

Сл. 1 Пониски хотели + парковско зеленило

Секторот за урбанизам на Општина Центар, заедно со претставници од планерската куќа која ги изработуваше плановите, на жителите од населбата им ги презентираа измените и придобивките од новите планови.

Од 20-ти јули до 16-ти септември, предлог-деталните урбанистички планови за Градска четврт-ЦС 01 Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 и Градска четврт-ЦС 14 Кале и СРЦ Кале се изложени на јавна анкета во читалната „Славко Јаневски“. До завршувањето на тој рок, граѓаните може да поднесуваат анкетни листови. Поради тоа што е период на летни одмори, јавните анкети траат 41 работен ден, наместо законскиот минимум од 10 работни дена.

Сл. 2 Пренамена на спорт во парк

Во моментов на територијата на градските четврти ЦС 01 и ЦС 14 има вкупно 7 важечки детални урбанистички планови за поединечни блокови. Тие се донесени во 1993, 2002, 2004, 2009, 2010 и 2 во 2012 година. Некои од нив ги има само во хартиена форма, а територијата на Калето и Музејот на современата уметност досега воопшто не била третирана со детален урбанистички план. Со завршувањето на постапките за овие 2 градски четврти, ќе се добијат 2 детални урбанистички плана, кои се дигитални и меѓусебно интегрирани.

Сл. 3 Пренамена на спорт во парк

Покрај останатите придобивки, на дел од спортско-рекреативниот комплекс „Кале“ во стариот план е предвидена изградба на хотелски комплекс со приземје + 6 ката + поткровје, од кој дел се наоаѓа на државно земјиште. Во новиот план на хотелскиот комплекс му е намалена катноста на приземје + 3 ката, а државното земјиште се пренаменува во парковско зеленило на 3074 м2.

Сл. 4 Пренамена на катна гаража во паркинг

На местото каде што според стариот план беше предвидена изградба на објект за спорт и рекреација, во новиот план на целата градежна парцела има зеленило, на површина од 15980 м2. На местото каде е предвиден хотелски комплекс со приземје и 2 ката со развиена површина од 12597 м2, ќе се гради приземен објект со вкупна развиена површина од 5963.

Сл. 5 Нова градинка

Јавен паркинг и парковско зеленило на површина од 7860 м2 се предвидени за реализација во новиот план, на местото на катна гаража со 8 нивоа и развиена површина од 58816 м2. На местото каде претходно беше вцртан објект со категорија В4 – државни институции, ќе никне првата детска градинка во населбата „Кале“, на приземје и 1 кат, со развиена површина од 565 м2.

Сл. 6 Дуп за локалитет Француски гробишта

Плановите ќе бидат изложени во читалната „Славко Јаневски“ до 16-ти септември. Период во кој граѓаните ќе можат пополнетите анкетни листови да ги доставуваат до општината.

Извор